Ребел Вилсон и Адел нè изненадија со нивните трансформации откако се ослободија од вишокот килограми, но тие не се единствените кои ја постигнале оваа цел.
Потребна е челична волја за да почнете со слабеење и да издржите до крај. За повеќето од нас, ова изгледа како невозможна мисија, па замислете како им е на славните кои покрај притисокот од самото слабеење, се справуваат и со притисокот од јавноста.
Постојат многу причини зошто славните одлучуваат да ослабат – сакаат да се чувствуваат подобро, сметаат дека со помалку килограми ќе изгледаат подобро, загрижени се за своето здравје… Без разлика кој им бил мотивот, некои славни ја постигнале оваа цел и можат да ни послужат како мотивација.
Погледнете ги неверојатните трансформации на славните кои се ослободија од вишокот килограми:
Адел
Јавноста првпат ја забележа трансформацијата на Адел пред една година, на роденденската забава на Дрејк. На фотографиите таа изгледаше неверојатно и беше повеќе од очигледно дека ослабела неколку килограми.
Пејачката се држеше понастрана од јавноста додека слабееше, а сето ова се случуваше за време на нејзиниот развод. Сега, 32-годишната ѕвезда изгледа одлично и уште поважно – вели дека се чувствува подобро од кога било.
Мелиса Мекарти
Мелиса е една од најзабавните жени во Холивуд, но отсекогаш имала проблем со вишокот килограми. Самата има изјавено дека до 22-годишна возраст нејзината тежина се менувала неколкупати, а кога ја добила првата важна улога, се обидела да ослаби со многу строга диета. Таа успеала да ги симне килограмите, но има изјавено дека никогаш нема да ја повтори таа диета бидејќи се чувствувала ужасно.
Неодамна актерката повторно се ослободи од вишокот килограми, но овојпат наместо да држи строги диети, направила позитивни промени во нејзиниот живот.
„Немам никаков трик, само многу здодевен живот. Престанувате да правите речиси сè, не се забавувате и си легнувате во 7:30 навечер – тоа е трикот“, изјави таа на шега за нејзината тајна за слабеење.
Џона Хил
Познатиот актер отсекогаш бил полничок, но кога треба да ослаби за улога, тоа си го сфаќа навистина сериозно.
Џона се прослави во 2007-ма со улогата во Superbad, каде што глумеше полничок средношколец. Оттогаш, тој ослабуваше и се здебелуваше неколкупати за неговите улоги, но сега решил да ја задржи оптималната тежина. Очигледно, актерот посетува и теретана бидејќи изгледа одлично.
Рози О’Донел
Во 2013-та Рози направи операција на желудникот, најмногу бидејќи имаше инфаркт кој речиси ја уби. Таа немала проблеми со нејзиниот изглед, но кога килограмите станале опасни по нејзиниот живот, сфатила дека мора да преземе нешто.
Денес Рози е задоволна од нејзината тежина, а нејзиното здравје повеќе не е во опасност.
Крис Прат
Крис се прослави со серијата Parks and Recreation, и иако беше далеку од дебел, имаше некој килограм вишок. Тој период, изгледот на неговото тело беше совршен за улогата во серијата. Потоа актерот доби улога во Guardians of the Galaxy, па подготвувајќи се за филмот ослабе и „изгради“ мускулесто тело.
Тој има изјавено дека иако улогата во серијата го направи светска ѕвезда, тој период се чувствувал изморено и депресивно поради нездравиот начин на живот и вишокот килограми.
Џенифер Хадсон
Кога се прослави благодарение на American Idol, Џенифер Хадсон беше полничка и имаше некој килограм плус. После музичкиот натпревар, таа почна да слабее со програма од Weight Watchers која ѝ даде неверојатни резултати. Поради ова, таа стана и портпарол на брендот. До денес, Џенифер си ја задржа истата фигура.
Кели Озборн
Кели Озборн отсекогаш била полничка и долго време се обидуваше да ослаби пробувајќи секакви методи и диети.
Неодамна, ријалити ѕвездата ги изненади сите со нејзината трансформација, а ја откри и нејзината тајна – направила операција на желудникот. Иако Кели смета дека операцијата ѝ помогнала многу, нагласува дека од голема важност се и огромните промени во животните навики.
Ребел Вилсон
Трансформацијата на Ребел е една од поновите, а таа самата изјави дека за неа, 2020-та е година на промени.
Ребел е одлична актерка и знаеше да го искористи вишокот килограми за да ги направи нејзините улоги уште поинтересни. Сепак, одлучила дека е време да се посвети на здравјето, па сега целосно се трансформира.
И во случајот на Ребел, нема некои посебни трикови и тајни – таа почнала да се храни здраво, да избегнува брза храна и сега е многу поактивна физички.