Сите ние сме почувствувале гнев, а и сите сме си легнале гневни. Но, изгледа дека ова е едно од најлошите нешта што можеме да си ги направиме.
Можеби досега сте слушнале дека никогаш не треба да си легнувате додека сте гневни, а постојат неколку добри причини зошто ова е вистина.
Во продолжение погледнете за кои станува збор:
Гневот влијае врз сонот
Кога сте гневни, вие сте и под многу стрес, а во ваква ситуација е речиси невозможно да заспиете. Ако сепак успеете да заспиете, вашиот сон ќе биде „лесен“, веројатно ќе се будите во текот на ноќта и следното утро ќе се разбудите уморни. Недостатокот од сон, пак, ќе ве направи раздразливи, па следниот ден повторно ќе бидете гневни – на некој начин, ќе почнете циклус кој само ви штети.
Гневот е лош за вашето здравје
Науката одамна потврди дека квалитетниот сон е клучен за нашето здравје. А, веќе напоменавме дека гневот го нарушува сонот. Истовремено, во текот на ноќта, додека спиеме, нашите емоции се стабилизираат, но интензивниот гнев може да го наруши овој процес.
Ако редовно си легнувате гневни, со текот на времето ќе се соочите и со многу полоши симптоми поради проблемите со спиење, како несоница, кошмари, а во поретки случаи, можна е појава и на депресија.
Потешко ќе се ослободите од негативните мисли и емоции
Некои истражувања покажале дека потешко се справуваме со проблемите ако ги „преспиеме“.
Ако си легнете гневни, дефинитивно ќе размислувате за проблемот пред да заспиете, а во вашата глава тој може да стане уште поголем. Во текот на спиењето, пак, мозокот ќе ги преработува информациите од текот на денот, вклучувајќи ги и мислите од пред да заспиете, па ќе ви биде многу потешко да се справите со нив кога ќе се разбудите.
Гневот е убиец на интимноста
Ако живеете со партнер, тогаш пред спиење сигурно одвојувате барем малку време за нежности. Но, кога ќе си легнете гневни, особено еден на друг, ќе ја нарушите оваа рутина, која е всушност важна за вашата врска.
Ако редовно го правите ова, ќе почнете да го поврзувате легнувањето со негативни емоции, и нема да го гледате како време за вас и партнерот или како време за релаксација.
Гневот може да ѝ наштети на вашата врска
Ако сред расправија со партнерот само се свртите на другата страна за да спиете, не ѝ правите никакво добро на вашата врска.
Никој не ги сака караниците, но никогаш немојте да си легнувате без да го решите проблемот. Подобро почекајте да се смирите, разговарајте, најдете решение и направете компромис, па дури после одете на спиење. На овој начин ќе ги избегнете и непријатните утра после недовршена караница, но и ќе го зајакнете односот со партнерот.