За жал, уште живееме во свет каде што постои полова нееднаквост, а слично како жените, и мажите се соочени со бројни стереотипи и нереални очекувања наметнати од општеството.
Додека од жените се очекува да бидат средени и да „се однесуваат како жени“, мажите се принудени да ги кријат нивните емоции и „да бидат мажи“.
Проблемот со сето ова е тоа што има ужасни последици врз менталното здравје и на жените, и на мажите.
Ако мажите покажат најмала емоција или, „не дај Боже“, заплачат, веднаш се соочени со критики и навреди. Поради ваквата ситуација, многу мажи молчат кога се соочуваат со каков било проблем и се обидуваат да го издржат „машки“.
За среќа, сè почесто се зборува на оваа тема и многу луѓе и организации се обидуваат да ја подигнат свеста за менталното здравје на мажите.
Овде припаѓа и една онлајн платформа, чија цел е да ја зголеми свеста за овие проблеми, но и да им помогне на луѓето кои се соочуваат со нив.
Од платформата направиле неколку интересни илустрации со кои се прикажани нештата што треба да престанеме да им ги кажуваме на мажите, а ги објавиле на 19-ти ноември, кој е познат како Меѓународен ден на мажите.
„На овој Ден на мажите, ајде да станеме свесни за проблемите на мажите.
Ајде да престанеме да ги тераме мажите да не покажуваат емоции и, наместо тоа, да ги прашаме како се чувствуваат. Ајде да ги третираме мажите како луѓе.
Емотивни, склони кон грешки, страв, несигурност и, да, луѓе кои можат и некогаш сакаат да плачат“, стои во објавата на платформата.