Погледнете ги најпознатите туристички дестинации кои се речиси уништени поради нивната популарност и немарноста на туристите:
Стоунхенџ, Англија
Една од најголеми атракции во Англија е стара 5.000 години и го изгубила својот оригинален изглед.
Стоунхенџ има претрпено неколку реставрации, а во некои камења се кријат и бетонски столбови.
На туристите веќе им е забрането да седнуваат на камењата бидејќи покрај временските услови, и тие придонесуваат за трошењето на споменикот.
Хаваи
Коралните гребени на Хаваи најмногу страдаат од кремите за сончање, кои ги користи речиси секој турист.
Поради ова, власта постави забрана за продажба на креми со состојки што им штетат на коралите.
Шпански скали, Рим
Шпанските скали се прославија после филмот „Roman Holiday“ од 1953-та.
Оттогаш, илјадници туристи одат да се фотографираат на скалите, но притоа оставаат ѓубре, мастики и дамки од храна и пијалаци.
И во овој случај власта беше присилена да ургира, па сега е забрането седењето на скалите.
Карпите Мохер, Ирска
Овие живописни карпи се формирани пред 320 милиони години, а денес се едно од најпосетуваните места во Ирска.
Токму на овие карпи се снимени сцени од „Harry Potter and the Half-Blood Prince“, што дополнително им ја зголеми популарноста.
Во 2013-та, група вандали нацртале графити на заштитените карпи, но, за среќа, беа успешно отстранети.
Плажата Боракај, Филипини
Во 2018-та, една од најубавите плажи во светот беше затворена поради загадување.
Чистењето на плажата траеше цели 6 месеци и во тој период беа отстранети отпадоците од водата и брегот. Истовремено, 400-те хотели и ресторани беа затворени, а беа рушени и голем број градби во близина на брегот.
Сега плажата е повторно отворена, но на островот може да има само 19.000 туристи истовремено.
Венеција, Италија
Годишно, Венеција ја посетуваат над 30 милиони луѓе.
Овој наплив на посетители создава огромен притисок на системот за канализација. Изгледа дека Венеција не може да потоне само поради климатските промени, туку и поради популарноста, а второто претставува поголема закана за градот.
Монолитот Улуру, Австралија
Оваа уникатна карпеста формација е создадена пред 680 милиони години.
Во втората половина на 20-тиот век, целиот свет дозна дека монолитот ја менува својата боја во текот на денот, па местото стана навистина популарно.
Проблемот е што туристите се качуваат на крпата, па дури оставаат и искористени пелени и уринираат таму.
Дождот, пак, го носи човечкиот отпад и измет во резервоарот за вода од кој пијат животните, а ова резултираше со истребувањето на редок вид ракчиња.
Минатата година, властите го забранија искачувањето на Улуру.
Бали, Индонезија
Овој туристички рај води активна војна со пластиката. Во 2017-та беше прогласена и вонредна состојба, по што беа најмени околу 700 луѓе за да се справат со отпадот. Понекогаш, тие собирале и по 100 тони ѓубре на ден.
Изгледа на Бали требаат многу построги правила за туристите.
Санторини, Грција
На овој остров живеат околу 10.000 луѓе, но годишно го посетуваат над милион туристи.
Поради бројот на посетители, системот за електрична енергија и водовод претрпеа многу, количината на отпадот се дуплира и еколошката ситуација стана загрижувачка.
Од 2019-та, власта се обидува да го ограничи бројот на дневни посети.
Петра, Јордан
Овој храм е издлабен во карпа уште пред 2.000 години.
Споменикот се наоѓа на листата на 7-те светски чуда, па не треба да нè изненади што привлекува 500.000 туристи годишно.
За жал, многуте посетители кои ги допираат ѕидовите ја оштетуваат градбата. Поради киселината што останува од човечката кожа, ѕидовите на Петра се истенчија за речиси 5 сантиметри во една деценија.
Јангшуо, Кина
Ова мало гратче опкружено со необични планински врвови стана навистина популарно.
Секоја година, овде доаѓаат над 3 милиони луѓе кои сакаат да уживаат во недопрената природа.
За жал, изгледот на Јангшуо е речиси целосно променет – реката е загадена и натрупана со сплавови за туристи, многу куќи се претворија во хотели, а локалните жители почнуваат да се селат во други градови.
Чинкве Тере, Италија
Само 5.000 луѓе живеат на ова мало место, но го посетуваат и до 2 милиони туристи годишно.
Живописните патчиња речиси постојано се пренатрупани со луѓе. Некои од нив се веќе затворени за туристи, со цел да се избегне нивното уништување.
Торес дел Паин, Чиле
Чилеанскиот Национален парк е заштитен од УНЕСКО, но ова не го спаси од катастрофата.
Во 2011-та, еден несовесен турист запалил оган кој резултираше со страшен пожар.
Пожарот зафати површина од 11.000 хектари и уништи голем дел од шумите и грмушките.
Натписот „I Amsterdam“ во Амстердам, Холандија
Самиот знак не настрада, но стана вистинска мамка за туристи – 6.000 луѓе дневно одеа во Амстердам само за да се фотографираат со знакот.
Толпите го загадуваа и уништуваа градот до тој степен, што локалните жители почнаа да го обвинуваат натписот за промовирање масовен туризам. На крај, знакот беше тргнат.