Во секоја земја се следат различни стандарди за убавина и мода, па така, кога би можеле да ги посетиме сите земји на светот, со сигурност ќе бидеме изненадени од она што ќе нè дочека.
На пример, ако кај нас не е пожелно по телото да ви се гледаат неисончани траги, во Бразил тоа дури се смета и за модерно.
Земјите низ светот носат многу изненадувања, па на форумите, како што е Quora може да се најдат многу интересни факти за животот во секоја од нив.
На прашањето Кој е најчудниот тренд во вашата земја, луѓе од различни места низ светот, одговараат:
Во Бразил, потемнетата боја на кожа ја гледаат како поатрактивна од неисончаната, па кога на телото се познаваат бикини линиите и контрастот со исончаниот дел, се смета за кул.
Во Индонезија, освен оние кои имаат потреба од исправување на забите, протези носат и млади луѓе кои имаат прави заби, само за да бидат кул.
Во Кина, за жал младите луѓе се опседнати со слаб изглед, до тој степен што сакаат половината да не им е поширока од лист А4 формат.
Во Германија, сосема е нормално луѓето да носат влечки/сандали со чорапи, а дебатата околу тоа дали е правилно или погрешно, подобро да не ја почнувате – нема да заврши.
Во Куба се огромен моден хит мрежестите хулахопки, а жените на сите возрасти ги носат дури и на највисоките температури…
Во Јапонија многу луѓе сакаат да изгледаат помладо од што се, дури никогаш не би препознале на која возраст е одредена личност, а голем број девојки се облекуваат како девојчиња.
Во Виетнам луѓето сакаат светла и непотемнета кожа, па затоа кога излегуваат надвор, се покриваат себеси со ткаенина од глава до пети за сонцето да не ги фати.
Во Иран е многу популарна пластичната операција на нос, дури и кај девојките кои немаат лош облик на носот, па често се забележуваат девојки со фластери на носот по операција, а дури некои го ставаат и без да правеле операција, само за да покажат дека и тие се во тренд и дека можат да си ја дозволат (иако е скапа).
Во Франција девојките многу често не нанесуваат маскара на трепките и само го исцртуваат окото со моливче, а дополнително, го сакаат ефектот на „бакнати“ усни, наместо исцртани усни. За тој ефект, нанесуваат малку кармин на средината на усните и со прст нежно размачкуваат насекаде.
Во Белгија девојките ставаат премногу пудра на лицето, а дури некогаш целосно им ги покрива веѓите и усните.
Во Шпанија девојките не се опседнати со фарбање на подраснатите бели влакна на косата.