Традициите и обичаите во нашата земја нам ни се најнормални, но за некои луѓе од други земји сигурно изгледаат необично.
Секако, важи и обратното – традициите што се негуваат со векови во некои земји, за нас се навистина чудни.
Во продолжение неколку вакви традиции од земјите ширум светот:
Во Индија помладите им покажуваат почит на постарите со допирање на нивните стапала
Допирањето на стапалата е важна традиција во Индија со која помладите им покажуваат почит на постарите. Со овој гест тие кажуваат дека ги почитуваат мудроста, возраста и искуството на повозрасната личност.
Постарата личност, пак, им ги допира главите, со тоа посакувајќи им среќа.
Во Етиопија луѓето често јадат од иста чинија
Многу традиционални јадења во Етиопија се служат во огромна чинија од која јадат повеќе луѓе.
Покрај тоа, за оваа храна обично не се користи прибор, туку луѓето ја макаат со традиционален етиопски леб.
Со овој начин на јадење луѓето ја покажуваат силната поврзаност што ја чувствуваат едни кон други.
Луѓето во Кенија го јадат мангото со лушпа
Кај нас и во другите земји мангото е овошје што се лупи. Но, ова не важи и во Кенија.
Овде луѓето без проблем ја јадат и лушпата од мангото, а сигурно чувствуваат и придобивки од ова – лушпата е богата со антиоксиданти.
На Филипините ретко ќе најдете личност која користи нож
Ножот е потребен за многу јадења, но луѓето на Филипините преферираат да користат само лажица и виљушка.
Нивните традиционални јадења, особено оние кои имаат и месо, најчесто се исечени на мали парчиња, па не ни имаат потреба да користат нож.
Во Тајланд има фестивал за мајмуни
Секоја година во провинцијата Лопбури во Тајланд се одржува фестивал за мајмуни.
За време на фестивалот, локалците поставуваат големи количини храна за мајмуните кои живеат во областа бидејќи веруваат дека им носат среќа.
Канаѓаните се бањаат во ледена вода за Нова година
Канаѓаните можат да ги поднесат и најниските температури, а тоа најдобро го покажува нивната традиција за Нова година – бањање во ледена вода.
Наводно, традицијата ја започнале група пливачи познати како The Polar Bear Club уште пред 100-тина години, а голем дел од жителите ја почитуваат и денес.
Луѓето во Австралија одат боси по улица
За Австралијанците е сосема нормално да прошетаат на улица или кое било јавно место боси.
Главниот „виновник“ за оваа навика е многу топлото време, па во лето сигурно ќе налетате на многу Австралијанци, особено помлади, кои шетаат боси.
Многу луѓе во Канада живеат во подруми
Поради високите цени на куќите и становите во Канада, многу луѓе ги претвораат подрумите во удобни живеалишта.
Некогаш децата се преселуваат во подрумот од семејната куќа откако ќе пораснат, а некогаш овие подруми и се издаваат.
Младите луѓе од племе во Бразил си ставаат ракавици полни со мравки
Со цел да го означат влегувањето во пубертет, младите лица од бразилско племе си ставаат ракавици полни со мравки. Проблемот е што станува збор за мравки од видот Paraponera чиј убод предизвикува ужасна болка.
Со оваа традиција младите покажуваат дека се храбри, но и дека ќе можат да се справат со болките и предизвиците што ќе им ги донесе животот.
Мажите во Мјанмар носат здолништа
Мажите во Мјанмар носат здолништа познати како longyi. Овие здолништа се всушност ткаенина долга околу 2 метра која ја мотаат околу половината.
Порано здолништата биле како статусен симбол, но денес се популарни поради удобноста и фактот дека се идеални за временските услови во Мјанмар.