Нормално е да сакате да им удоволите на другите и да ги направите среќни, но што кога поради оваа навика ги запоставувате вашите потреби?
Сите ние сакаме да бидеме во добар однос со луѓето околу нас, па даваме сè од себе за да го постигнеме тоа. Навистина е одлично ако секогаш ги земате туѓите желби предвид, но некои луѓе го прават ова на сметка на своите потреби.
Кога целосно ги игнорирате вашите потреби и желби само за да им удоволите на другите, вие си создавате непотребен стрес и дефинитивно нема да се чувствувате добро.
Затоа, погледнете кои се знаците што покажуваат дека спаѓате во ова категоријата луѓе и дека е време да промените нешто:
Не знаете да кажете „Не“
Без разлика што и да побараат од вас, вие никогаш не ги одбивате другите. Можеби го правите ова бидејќи ви е страв дека во спротивно ќе настане конфликт. А, можеби и чувствувате вина ако одбиете да помогнете некому.
Решение: Морате да сфатите дека само вие одлучувате како ќе управувате со вашето време. Само затоа што сте одбиле некој не значи дека сте лоша личност. Воопшто не сте должни да ги исполнувате желбите на сите.
Сакате сите да имаат добро мислење за вас
Стравот од одбивање и отфрлање е многу чест кај луѓето кои се обидуваат да им удоволат на сите. Веројатно се плашите дека ако не го правите ова, другите нема да ве сакаат и ќе останете сами.
Решение: Ако сте во ваква ситуација, кога некој ќе побара нешто од вас, добро размислете дали ве манипулира. Штом некој ќе забележи дека давате сè од себе за да бидете прифатени, голема е веројатноста да го злоупотреби тоа. Истовремено, не заборавајте дека никогаш нема да им се допаѓате на сите луѓе, и тоа е сосем во ред.
Туѓите негативни емоции имаат големо влијание врз вас
Дали ви се случило откако некој ќе ви раскаже за неговиот ужасен ден, вие да почнете да се чувствувате полошо и од него? И тоа, дури и ако немате никаква врска со она што му се случило? Веројатно и набрзо потоа се обидувате да најдете решение за неговите проблеми.
Решение: Разберете дека луѓето секогаш ќе имаат лоши денови, а вие не можете да направите ништо во врска со тоа. Дозволете им на пријателите да ви кажат што ги мачи, но немојте да ги прифаќате нивните проблеми како ваши.
Се извинувате дури и кога нема потреба од тоа
Ако нешто не оди по вашиот план, веројатно првото нешто на коешто помислувате е да се извините. Дури и ако вината не е воопшто ваша, бидејќи сакате да им угодите на другите, веднаш чувствувате потреба да се извините.
Решение: Секогаш кога ќе сакате да кажете „Извини“, добро размислете дали воопшто има потреба од тоа. И самите ќе забележите дека во повеќето ситуации, извинувањето не е потребно.
Ги запоставувате вашите потреби и желби
Бидејќи сте премногу зафатени со другите луѓе, не ни помислувате што е она што го сакате вие. Правите компромис во буквално секоја ситуација и сметате дека вашето мислење и на што вие го сакате и не е толку важно.
Решение: Одвојте време и размислете за она што навистина го сакате. Кога станува збор за нешто што ви значи, не прифаќајте компромис. Не заборавајте дека понекогаш е во ред да бидете малку себични.
Постојано давате, а не барате ништо за возврат и дури одбиваше помош
Дали постојано им помагате на другите, а никогаш не сте побарале нешто за возврат? Проблемот е што луѓето ќе се навикнат на ова ваше однесување и со текот на времето ќе почнат да ве користат.
Решение: Размислете за вашите приоритети и она што ви е важно вам, а не на другите. Истовремено, одвојте време за да им помагате на другите, но одвојте и време само за вас – период кога нема да размислувате за туѓите потреби. Понекогаш, не е лошо да побарате и самите помош. Не мора сè да правите сами.
Сметате дека сте одговорни за чувствата на другите
Сте забележале ли дека секогаш кога на некој близок ќе му се промени расположението, истото ви се случува и вам? Можеби дури и се чувствувате виновно ако двајца пријатели се расправаат, а вие не можете да ги смирите.
Решение: Добро е да покажете сочувство, но не заборавајте дека вие не сте одговорни за туѓите емоции. Ако некој е гневен поради сосем друга причина, а не поради вас, нема зошто вие да се чувствувавте лошо. Бидете овде за таа личност, но не си давајте обврска да ја усреќите.
Пробувате да се вклопите во секакво друштво
Дали ви се случило да се преправате дека сте друга личност, само за да се вклопите во некое друштво? Луѓето кои сакаат да им угодуваат на другите неретко го прикриваат своето вистинско лице, и се прикажуваат како личност за којашто веруваат дека повеќе ќе им се допадне на останатите.
Решение: Морате да научите да бидете свои. На некои ќе им се допаѓате, на некои не, и нема потреба да се грижите за тоа. Немојте да се менувате и да се криете само за да припаѓате во некоја група луѓе.
Потребно ви е туѓо признание
Покрај тоа што сакате да им удоволите на сите, вие сакате да добиете и признание од сите. Најчесто причина за ова е ниската самодоверба, па туѓото признание прави да се чувствувате сакано или вредно.
Решение: Никогаш нема да добиете признание од сите луѓе и мора да го прифатите тоа. Ако правите нешто не за себе, туку само за другите да ви речат „Браво“, никогаш нема да бидете задоволни од себе.
Не признавате кога некој ќе ве повреди
Бидејќи сакате сите да бидат среќни, секогаш премолчувате кога некој ќе ве повреди. Се обидувате да ги скриете негативните чувства, со надеж дека ќе поминат без конфликт. Не признавате дека сте повредени или тажни и ги криете чувствата под вашата насмевка.
Решение: Морате да ги препознавате вашите емоции и да престанете да ги потиснувате. Ако некој ве повреди, не мора да настанува конфликт, туку смирено кажете ѝ на личноста како се чувствувате и обидете се да најдете решение.