Езеро во Индија, старо околу 50 илјади години кое настанало после удар на метеорит, доби розева боја, а експертите се уште немаат објаснување зошто се случило тоа.
Езерото Лонар ненадејно ја променило бојата пред неколку дена. Експертите претпоставуваат дека причина за тоа е зголеменото ниво на сол во водата, процентот на алги или комбинацијата на двата фактори.
Гајанан Карат, локален еколог изјави дека тоа се случувало и порано, не не било така изразито како овој пат.
„Се чини дека езерото оди кон црвена боја оваа година затоа што порасна нивото на соленост“, изјави тој и додаде дека количината на вода во езерото се намалила, пораснала соленоста и тоа е причината за промените на бојата.
Карат исто така додаде дека научниците испитуваат дали можното присуство на алги исто така влијае на промената на бојата. Примероци биле испратени во неколку лаборатории и како што вели тој, после анализите дефинитивно ќе се знае зошто водата во езерото ја променила бојата.
Езерото кое се наоѓа на околу 500 километри од Мумбаи настанало после удар на метеорит на Земјата пред 50 илјади години. Научници од сите страни на светот со години вршат разни истражувања, а езерото со текот на времето стана и позната туристичка атракција.